Ве предизвикувам да читате 100 страни на ден!

На почетокот на 2019 година решив дека ќе прифатам нешто ново во моето секојдневие. Ќе излажам ако кажам дека не беше мотивирано од оние “New Year, New Me” активности. Знаев дека одамна ми треба таа промена ама никогаш не стана приоритет, се до тогаш (и се уште не знам зошто баш тогаш).

Денес сме сите под влијание на почетните ефекти од светската пандемија на Корона вирусот. Преплавени сме со секакви информации за кои и често не го знаеме потеклото, некои многу црни, некои многу розеви. И додека сето тоа и јас го чувствувам, имам едно хоби кое е супер прикладно за периодов:

Се трудам да прочитам
50 книги годишно

Предизвикот е едноставен: целта е да се прочитаат минимум 50 книги годишно. Во просек излегува една книга неделно, или околу 50-100 страни на ден. Темите, јазикот, бројот на страниците, форматот не се важни. Целта е да се создаде навика на читање. Си имам и едно свое правило – на секоја книга која сакам да ја прочитам и давам можност од 50 страни. Ако ми се допадне, ја читам до крај. Ако не, ја оставам и таа не влегува во листата на прочитани книги. Има премногу книги во светот за да читаме нешто што не ни се допаѓа.

Како мој допринос за да периодот на изолација го поминете на покорисен начин, решив да ВЕ ПРЕДИЗВИКАМ да ПРОЧИТАТЕ 100 СТРАНИ СЕКОЈ ДЕН. Да ви дадам малку насока, ќе споделам дел од книгите кои лани ми оставија најголем впечаток. Тие се на теми кои мене ми биле интересни тогаш, но верувам дека за многу од вас ќе бидат нови. Се обидов да ги групирам книгите според сродни тематики. Ќе видите дека низ годината сум поминал доста теми, но секогаш сум читал повеќе од една книга на истата.Воедно со овој пост, прв пат пишувам и објавувам текст на македонски јазик на мојата страна.

Биографии/Вистински Настани

Shoe Dog: A Memoir by the Creator of Nike – Phil Knight

Книгата е мемоар на основачот на Најк – Фил Најт, кој во светот на бизнисот важи за човек што ја цени својата приватност и повлеченост. Нетипичен претприемач, кој се занимавал со спорт и завршил високо образование. За мене беше навистина интересна приказната бидејќи неговиот животен пат и раст во бизнис е тотално различен – тој воопшто не сакал да го направи Најк!

Pour Your Heart Into It: How Starbucks Built a Company One Cup at a Time – Howard Schultz

За разика од Фил Најт (Најк), Хауард Шулц е профил на бизнисмен кој е ориентиран кон цел и сака резултати. Работел на одлична позиција, во позната компанија, додека не бил повикан да го развива Старбакс со неговите оригинални основачи. Една негова посета во Милано била клучна за тоа што денес е Старбакс. Поради својата пасија и визија, тој си оди од Старбакс, почнува друга компанија за кафе и потоа ја купува Старбакс од оригиналните основачи. А потоа, како што велат – “The rest is history.”

Bad Blood: Secrets and Lies in a Silicon Valley StartupJohn Carreyrou

Одиме во друга крајност. Како Елизабет Холмс успеала да ја созаде компанијата Теранос на основа на лажен производ? Нејзината компанија во својот врв достигнала вредност од 10 милијарди долари на база на лага. Во целиот процес успева повеќе од една декада да ја прелаже целата општа и бизнис јавност, регулаторите, вработените, инвеститорите и купувачите. На сето тоа му дошло крај кога еден новинар (авторот) решил да биде истраен во обидите да ја открие вистината.

Way of the Wolf – Jordan Belfort

Верувам поголем дел од вас го гледале филмот “Wolf of Wall Street” – лудата приказна за тоа како Џордан Белфорт буквално од нула станал број еден на Вол Стрит, за да на крај заврши во затвор. Епа оваа книга (последната од трите напишани од него) го опишува неговиот систем на продажба. Да, оној добро познатиот: “Sell me this pen.” Морам да признаам дека досега сум прочитал многу книги за продажба од реномирани автори на темата, но никогаш не сум сретнал подобра книга за продажба од оваа. На моменти имав впечаток дека неговиот систем ги прекршува и етичките правила на продажбата, заклучок кој и самиот Џордан неколку пати во книгата го истакнува.

Catching the Wolf of Wall Street – Jordan Belfort

Ова е втората книга во серијата на Џордан Белфорт, која го следи неговиот раст, бркотницата со законот и престојот во затвор. За оние кои се големи фанови на филмот, книгата е многу детален приказ за настаните кои се покриени во филмот.

Self help

The Subtle Art of Not Giving a F*ck – Mark Manson

Гледам дека многу се зборува за книгава. Сум слушнал и доста кои ја препорачуваат. Малку поинаква книга од она што се очекува во категоријата на “Self Help”. На моменти се преминува во граници на философија на живот, но има многу корисни факти кои може да ви бидат корисни – тоа ако прво ви се допадне стилот на пишување.

This Book Will Make You Calm – Jessamy Hibberd, Jo Usmar

Повеќе би ја категоризирал како прирачник за тоа како да се справуваме со проблемите на модерното време. Едноставно напишана, со конкретни вежби кои помагаат како да го менаџирате стресот, научите техники на релаксација, елиминирате грижи и аксиозност, се справувате со паника и бидете подобри во комуникацијата.

The Life-Changing Magic of Tidying Up – Marie Kondo

КонМари движењето започнато од Мари Кондо има за цел да ни помогне да си го “исчистиме” секојдневието од непотребни материјални работи. Лесно беше да се воочи дека авторот потекнува од Јапонија бидејќи се заложува за минимализам во секој дел од животот. Конкретната книга е всушност и прирачник за тоа како да ги примените сите алатки на КонМари. А ако сакате да се уверите дека системот работи, слободно погледнете ја и истоимената серија на Нетфликс.

How to Win Friends and Influence People – Dale Carnegie

Класика, една од најпродаваните книги во модената историја и според многумина, првата популарна “Self Help” книга. Карнеги ја напишал во далечната 1936 година, а тоа што ја прави безвременска се сите заклучоци до кои доаѓа. Оригиналната верзија издвојува 12 точки кои книгата ги поентира кај секој читател, а тие се суштината на секој човек, без разлика дали живеел тогаш, денес или за 100 години од денес.

Лидерство

Start With Why – Simon Sinek

Синек се прослави со познатото ТЕД видео со истиот наслов. Во основа на книгата е мотивацијата на однесување на луѓето. Според авторот постојат два вида: манипулација и инспирација. Инспирацијата е во центарот на “златниот круг” и најлесно се изразува преку едноставното прашање: “Зошто?” Тоа треба секогаш да дојде пред “Како?” и “Што?”

Leaders Eat Last – Simon Sinek

Хронолошки, втора книга на Симон, која се надоврзува на “Зошто?” , но во контекст на организциски развој и раководење со тимови. Доколку постои инспирацијата и организацијата знае зошто постои, тогаш тимовите се многу успешни, членовите посреќни и ниту една цел не е недостижна. Авторот тврди дека лидерот треба да биде водич на инспирацијата и секогаш последен корисник на сите бенефити од успехот на организацијата – секогаш да јаде последен.

Multipliers: How the Best Leaders Make Everyone Smarter – Liz Wiseman, Greg Mckeown

Книгата има една чудна и неконвенционална логика на идентификација на добри лидери. Ако лидерот ги прави своите вработени попаметни, тогаш е “multiplier” – множител. Во спротива тој е “diminisher” – ограничувач. Според Лиз, човечкиот капацитет е неограничен, но само ако му биде дозволено тоа. Во книгата не учи како ние да станеме множители и дава безброј примери дека системот фунцкионира. Има и одлична база на ресурси на веб страната на книгата кои јас си ги користам секојдневно.

Менаџмент

Powerful: Building a Culture of Freedom and Responsibility – Patty McCord

Верувам дека најголем дел од вас гледате Нетфликс. Но не знам колку од вас слушнале за неконвенционалната организациска култура на компанијата. Пети Мекорд била еден од креаторите на културата каде има неограничен одмор, неограничени средства за ручеци, каде нема евалуации, речиси воопшто нема парични бонуси, но има радикална искреност. Оваа култура еднаш одамна успеала да преброди едно големо НЕ. Во својот ек, Блокбрастер била најголемата компанија за изнајмување на ДВД и касети во САД. На нивниот менаџмент не им се допаднала платформата на Нетфликс, иако можеле да ја купат за 50 милиони долари. Денес Нетфликс вреди 26 милијарди долари, а Блокбастер? Епа денес не постои.

Measure What Matters – John Doerr

Во 80-тите години, Интел во светот на технологијата бил тоа што денес е Гугл. Лидер во секое поле, вклучувајќи и начинот на кој била организирана работата. Тие се пионери на системот на “OKRs” (objectives and key results). Систем на поставување и следење на цели, за кој подоцна основачите на Гугл се среќни што го имплементирале бидејќи го сметаат како клучен фактор за нивниот голем раст и развој.

8 Steps to High Performance: Focus On What You Can Change (Ignore the Rest) – Marc Effron

Има многу автори и експерти кои се обидуваат да откријат како тимовите да остварат високи резултати. Марк Ефрон, преку својата книга потенцира дека основата на успехот е фокусот на работите кои може да ги контролираме/влијаеме. Низ 8-те чекори се запознаваме со оваа теорија во детали и всушност може да видиме дека тие и не се така тешки за имплементирање.

За крај

Време е да го искористите периодот за позитивни активности. Активности од кои ќе имате долгорочна корист. Моментално мојата листа на читање е насочена кон бизнис, лидерство, менаџмент, но не значи дека предизвикот не може да биде за било која тема и вид на книги. Целта е да започнете од некаде. Започнете со 50 до 100 страни секој ден. Ако во просек читаме една страна во минута, тоа се 50 до 100 минути, или 3.5% и 7% од денот. За споредба, денес на вашите телефони имате минимум “screen time” од 60 до 120 минути, од кои верувам, најголем процент на социјални мрежи.

Запомнете! Секоја промена започнува со мал чекор.

(Visited 307 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *